Почитувани,

Здружението на граѓани „Медиа Актив Пресс“ ја известува јавноста и администрацијата на Општина Гевгелија дека бара да се врати целокупниот имот, опрема и просториите на Радио Гевгелија. Здружението поддржано од неколку последно вработени во Радио Гевгелија го реактивира Радио Гевгелија и ја враќа информативната дејност на Радиото преку интернет порталот Радио Гевгелија со главна насока на продолжување на континуитетот на Радиото од 1956 година. Здружението на граѓани Медиа Актив Пресс ги бара листите од пописот направен во Радио Гевгелија кој беше извршен без присуство на вработените. Исто така здружението ги бара и плакетите, наградите и сета архива за да се спои со ова што Медиа Актив Пресс успеа да го собере до сега. Инаку веќе најавуваме и дека ќе ги објавуваме на Радио Гевгелија сите досега сочувани архивски снимки од емисии и интервјуа со значајни луѓе кои веќе не се меѓу нас- како на пример Тоше Проески, Киро Глигоров и други ексклузивни материјали на Радио Гевгелија. Инаку, Радио Гевгелија постојано ја менуваше сопственичката положба од јавно претпријатие на државно ниво, преку општинско ниво преку социјалистичкиот сојуз на работниот народ, потоа ПОС претпријатие во општествена сопственост за да како последно беше преку Општина Гевгелија која не финансираше ниту плати ниту опрема , а именуваше директор. Некогашните вработени преку Здружението на граѓани најавуваат без разлика на одлуката на Општина Гевгелија враќање на Радио Гевгелија со постојано отворен оглас за прием на млади соработници. Се надеваме дека претставниците на Општината ке си ја исправат грешката што го загушија овој медиум на Гевгелија. Радио Гевгелија продолжува со работа, назад нема, нема структура повеќе што ќе може да го запре овој процес. Во надеж сме и дека од општина Гевгелија и нема да одбиваат интервју ако им се бара за Радио Гевгелија.

www.radiogevgelija.com