Градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков денес оствари средба со амбасадорката на Украина во нашата земја Наталија Задорожњак,

која престојуваше во посета на Гевгелија. Притоа, градоначалникот Поцков ја информираше амбасадорката за развојот на општината и приоритетните проекти и активности, кои треба да обезбедат оддржлив економско-еколошки развој. Пред се, поголема искористеност на местоположбата и другите компаративни предности на општината преку инфраструктурно уредување на ТИРЗ„Прдејци“, обезбедување на погодни локации долж автопатот, до граничниот премин Богородица, за инвестирање во туристичкко-угостителско-трговски капацитети.

-За нас посебно значајни се украинските искуства, како во поглед на искористувањето на европските фондови, така и за воспоставување на бизнис соработка меѓу производителите од општина Гевгелија и одделни подрачја во Украина. Особено ако се имаат предвид сличностите и карактеристиките во двете земји и определеноста за евроинтеграција. Општина Гевгелија има воспоставено трајна соработка со повеќе општини во земјите членки на ЕУ, како и во соседните земји Грција и Бугарија, со кои настапуваме заеднички пред европските програми. Но, сме заинтересирани да ја продолжиме и унапредиме ваквата соработка, рече градоначалникот Сашо Поцков.

Притоа, беше посочена можноста за збратимување на општина Гевгелија со градот Ужгород, кој се наоѓа на тримеѓата меѓу Украина, Унгарија и Словачка и претставува голем стопански, универзитетски и значаен центар, каде што живеат 120.000 жители.

-Македонија и Украина имаат воспоставено пријателски односи, но, важно за двете земји е да се унапредува соработката меѓу регионите. Поврзување на градот Ужгород во Украина со Гевгелискиот регион, кој е посебно значаен и интересен. Оттука и мојата желба за воспоставување на потесна соработка на двата града во областа на стопанството, културата, образованието или пак функционирањето на локалната самоуправа. Затоа, почетен чекор кон остварување на ваквата цел ќе биде упатувањето на писмо за соработка од страна на украинската амбасада до властите во Ужгород за воспоставување на првичната комуникација, истакна украинската амбасадорка Наталија Задорожњак.