Општина Гевгелија започна со пролетното обновување на повеќегодишните дрвја во одредени делови од градот и крај поголемите сообраќајници. На Западниот булевар, од семафорите на крстосницата со улицата „Деко Ковачев“, па, се до станбената населба Караорман, ќе бидат засадени 230 дрвца. Дрворедот ќе го сочинуваат јавор и див костен со поголема развиеност, кои ќе бидат засадени на двете страни од овој булевар.

Паралелно со садењето на дрвцата се поставува и систем „капка по капка“, заради обезбедување на континуирано и навремено наводнување на садниците. Со поставувањето на новиот дрворед на оваа главна гевгелиска сообраќајница, значително ќе бидат подобрени условите, особено во летните месеци, за пешаците, кои често ги користат тротоарите на Западниот булевар за рекреација.

Во наредниот период дрвца ќе бидат засадени на другите поголеми сообраќајници со цел да се обезбеди заштита од сонцето во пролетните и летните месеци. Традиционално Гевгелија отсекогаш обилувала со дрвореди, па, оттука и акцијата на општина Гевгелија за нивно обновување е поздравена од граѓаните.