Младата балерина од Гевгелија Виолета Карајанова, поранешна ученичка во ОМУ „Васо Карајанов“ во Гевгелија, а сега матурантка во ДМУБЦ „Илија Николовски –Луј„ во Скопје, на Меѓународниот натпревар во кореографија „ИКС ДЕНС 2018“ја освои Гран при наградата.

На овој престижен натпревар, кој се одржа на 17 и 18 јуни во Македонскиот народен театар, учествуваа учесници од Русија, Италија, Велика Британија, Украина, Словенија, Казахстан и Македонија. „ИКС ДЕНС„ го слави танцот во сите форми, од класичен балет, современ танц до шоу денс, фолклор и народно – сценски танци.

Меѓународно жири ги оценуваше најдобрите во овие категории, а главната награда Гран при, и парична награда од 1000 долари ја добија гевгеличанката Виолета Карајанова, во дуо со балетанот Ендрју Кук од Велика Британија. Извонреден успех за младата балерина и поттик за натамошното напредување и дообразување.