До крајот на јули треба да завршат изведбените работи за изградба и реконструкција на најоштетените улици во Гевгелија и во поголемите населени места.

Улицата „Нако Вардарски“ и дел од улицата „Кочо Рацин“ веќе добија нов асфалт и целосно се санирани.  Вчера започна гребењето на улицата „26 април“, а по нивелирањето на шахтите ќе биде извршено асфалтирање. Денес се гребаат и подготват за асфалтирање улиците  „Јане Сандански“ и „Питу Гули“. Со тоа всушност ќе биде целосно реновирана и обновена уличната мрежа во североисточниот дел од градот, – рече градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков по обиколката на улиците на кои механизацијата на фирмата „Жикол“, по добиениот тендер, ги изведува работите.

Покрај ова, во Гевгелија е предвидена целосна обнова и асфалтирање и на две други најоштетени улици – „Ѓоко Тутушев“ и „Христо Узунов“. Но, претходно ќе бидат изградени нови канализациони линии и на двете улици со што всушност се решаваат повеќегодишните проблеми по обилните врнежи од дожд, со кои се соочуваат граѓаните, кои живеат на овие улици. Според градоначалникот Поцков изведбените работи ќе започнат веднаш по подготовката на техничката документација, а новите канализациони линии ќе ги изведува фирмата „Еуроинг“, која на тендерот даде најповолна понуда.

Исто така, летово е предвидена изградба на канализациона линија и на улицата „Ѓорче Петров“ во Негорци, по што ќе биде целосно асфалирана. Покрај ова нов асфалт ќе добие и улицата „Лена Манчева“ во Миравци.