Во издание на ЈOУ Градска библиотека „Гоце Делчев” од Гевгелија излезе од печат дебитантската поетска книга на младата поетеса од Гевгелија Олгица Ќурчиева. Книгата е насловена како „Алотропски модификации на љубовта” .Авторот на рецензијата Стефан Марковски, за збирката нагласува: -Овде имаме транссупстанцијација, метаморфоза на поетското битие и неговата повеќесмислена љубов (и самата метаморфирана) изразени низ движењето на еден молив способен за постојано кршење (несвршено дејство – ќе го кршам) на нечие срце, макар било изработено и од дијамант, како алотропска модификација на јаглеродот каде спаѓа и графитот, односно срцевината на моливот. Прашањето кое природно произлегува од овој посег на поетесата (или барем, лирското Јас) се однесува на дистинкцијата меѓу Јас и твоето, односно дали постои граница меѓу Јас и Ти, посебно имајќи предвид дека кај Ќурчиева наместо апсолутни контрасти и крајности наидуваме на мостови спружени меѓу крајности кои висат на конец, вели за збирката авторот на рецензијата Стефан Марковски. Поетската збирка на Ќурчиева (1983) вклучува 40-тина песни на 60 страници пишувани во период од повеќе години, а е издадена со финансиска поддршка од општина Гевгелија.