Постојаната претставничка на ООН и на Канцеларијата на УНДП во нашата земја, амбасадорката Луиза Винтон, при вчерашната посета на Гевгелија, имаше средба со градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков.

На средбата најмногу внимание беше посветено на изградбата на Времената депонија за комунален отпад кај Ново Конско, во општина Гевгелија. Како што е познато овој проект се реализира преку УНДП со доделениот грант од Јапонската влада во износ од 1,1 милион евра.

На самиот почеток градоначалникот Сашо Поцков изрази задоволство од успешната реализација на проектот, кој е посебно значаен за општината и претставува голем предизвик. Бидејќи со овој проект општината решава еден од најгорливите проблеми предизвикан од депонирањето на комуналниот отпад во дивата депонија кај Сува река. Истовремено, овозможува Времената депонија да стане дел од системот на идната Регионална санитарна депонија во Југоисточниот плански регион, која Владата на РМ ќе ја гради и ќе биде лоцирана во селото Добришанци, Струмичко.

-Наша обврска е овој проект успешно да го завршиме до крај, и тоа, не само преку изградбата на Времената депонија во предвидениот рок – до крајот на август, туку и преку нејзино инфраструктурно уредување. Но, што е уште позначајно нејзино профункционирање како систем за депонирање и складирање на отпадот, од една страна, и негово селектирање, со што проектот целосно ќе биде заокружен. Само на тој начин ќе покажеме дека Времената депонија претставува успешна приказна, која ќе послужи како пример за справување и менаџирање со комуналниот отпад, и за другите општини во земјата, – рече градоначалникот Поцков.

Притоа, тој нагласи дека работите на теренот се одвиваат според планот, паралелно, во завршна фаза е изработката на проектот за изградба на пат од крстосницатра на влезот во Ново Конско до депонијата, нејзиното електрифицирање, обезбедување на потребната механизација и обука на вработените кои ќе бидат ангажирани во депонијата. Сепак, како приоритетни ги издвои изградбата на патот и електроснабдувањето, за што се неопходни финансиски средства, имајќи предвид дека општина Гевгелија заедно со ЈПКД„Комуналец“ ќе обезбеди водоснабдување.

Амбасадорката Лујза Винтон, исто така, изрази задоволство од работите на теренот, а посебно, како што рече планот за вклучување на Времената депонија во идниот систем на Регионалната санитарна депонија во ЈИПР. Само на тој начин овој проект ќе биде целосно успешен, бидејќи тоа нема да биде само првата депонија во Македонија изградена според светски стандарди, туку и пример за решавањето на еколошките проблеми во земјата. Се разбира, со подигнување на свеста кај граѓаните како треба да се справуваат со комуналниот отпад, а и како тие да се однесуваат во услови на обезбедени системи, рече Винтон предлагајќи да се формира посебен тим, кој ќе изработи план за наредните активности, кои ќе придонесат за целосно заокружување на проектот. Преиспитување на можностите за пренасочување на заштедените средства од проектот кон решавање на инфраструктурните потреби, а потоа да се согледат и другите расположиви извори за финансирање.

На средбата беше информирано дека од страна ан ГИС веќе е изработен елаборат за затворање на старата депонија кај Сува река, во тек се преговорите за ангажирање на изведувач, а за целиот зафат веќе се обезбедени средства. Во наредниот период, покрај изградбата на самата депонија, од приоритетно значење ќе биде завршувањето на проектот за патот и изготвување на план за селектирање на отпадот. Само на тој начин Времената депонија кај Ново Конско ќе претставува успешна приказна.