Во организација на Општинскиот противпожарен сојуз и со поддршка на општина Гевгелија, во Пионерскиот дом, се одржа Општинскиот противпожарен квиз натпревар 2018 година. На овој натпревар, кој според претседателот на сојузот, Димитар Карамитров, се одвива под мотото „Еден пожар помалку„,

учество зедоа ученици од сите основни училишта, како и Средното општинско училиште во Гевгелија. Квиз натпреварот за отворен го прогласи градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков, кој посакувајќи им успех на учениците истакна дека општината го поддржува овој квиз од две причини. Првата е, што со вакви квиз натпревари, младите се едуцираат за свесноста од опасноста од настанување на пожари, а втората причина е што пожарите се повеќе го покажуваат суровото лице на климатските промени кои во иднина ќе претставуваат глобален проблем на човештвото, а за тоа младите треба да бидат навремено едуцирани. На крајот беа прогласени победниците.

Во кадетска конкуренција, победници беа учениците од ОУ „Ристо Шуклев“ Јанкулова Дијана, Петровска Памела и Калинска Христина, под менторство на професор Венци Попов, додека во јуниорска конкуренција најдобра беше 1 екипа од СОУ „Јосиф Јосифовски“ во состав на Милевска Сања, Миткова Софија и Митрова Данче, под менторство на професор Картов Доне. Овие две екипи ќе земат учество на Републичкиот противпожарен квиз натпревар, кој наредниот месец ќе се одржи во Крушево.