Градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков, на денешната прес конференција даде отчет пред јавноста за своето едногодишно работење. Притоа, Поцков истакна:

„Измина една година од кога стапив на градоначалничката функција и вообичаено е на јавноста да и го предочам сработеното. Веднаш сакам да нагласам дека тоа беше година на консолидација – како финансиска, така и кадровска консолидација во општината. Исто така, ова беше година на санација, но и довршување на претходно започнатото.

Како што веќе знаете, наследивме општина со долг од над 143 милиони денари кон доверителите од стопанството и со кредити во износ од 2 милиони евра. Во изминатава една година успеавме со домаќинско и одговорно работење финансиски да ја консолидираме општината. Општината успеа во рок од една година кон доверителите да врати над 25 милиони денари, односно да санира 17% од долгот кон стопанството. При тоа, ги извршувавме и нашите обврски кон граѓаните, согласно нивните потреби и редовно ги подмирувавме сметките за тековните работи.

Меѓутоа, во изминатата година од мојот мандат работевме и на реализација и довршување на веќе започнатите проекти. Кон крајот на месец септември ја предадовме во употреба Пречистителната станица за отпадни води – еден од најголемите еколошки капацитети во овој пограничен регион. Минатиот месец ја пуштивме во употреба Времената депонија за комунален отпад – единствена од ваков тип во Македонија, градена спорд европски стандарди.

На Денот на ослободувањето на Гевгелија беше предаден во употреба новиот Водоснабдителен систем во Гевгелија со кој се решава еден од најгорливите проблеми во последните децении и се обезбедува квалитетна вода за пиење за 76% од населението во општина Гевгелија, како и дел од општина Богданци. Станува збор за три капитални инвестициони проекти, во вредност од 13,5 милиони евра, обезбедени од странски донации и грантови, преку заем од Светска банка, но и од сопствено учество.

Во изминатите десет месеци од 2018 година за изградба и реконструкција на улиците во општината од општинскиот буџет беа издвоени  14 милиони денари или скоро 238.000 евра. Притоа, беше обновен асфалтот на 11.217 метри квадратни улична површина. Исто така, беа бетонирани 4.632 метри квадратни помали улици и краци.

Покрај ова беа изградени и нови улици со вкупна површина од 3.082 метри квадратни и 487 метри должина. Изградени се и 150 метри нови канализациони линии во општината, во вредност од 337.534 денари. Во изминатите десет месеци изградени се нови линии за улично осветлување и нов кабелски приклучен вод за водоснабдителниот систем, во вредност од 4.415.000 денари.

Треба да се одбележи дека со доделените средства, во износ од 180 милиони денари, од Министерството за транспорт и врски, реконструирани се регионалните патни правци Миравци-Давидово и Смоквица-Прдејци, а започнува  реконструкцијата  на патот Гевгелија-Негорци. Во сите образовни установи во општината се реализирани повеќе активности за подобрување на условите за работа. На стартот од новата учебна година, покрај реновирањето на објектите на централните училишта, извршено е реновирање на подрачните училишта во Давидово, Милетково и Смоквица, додека пак во подрачното училиште во Кованец изградено е ново игралиште.

Во детската градинка “Цветови” во Гевгелија извршена е целосна замена на столаријата, во вредност од 900.000 денари, а по оштетувањата на дел од покривот од силниот ветер, извршена е санација на покривот.

Извршена е реконструкција на Дневниот центар за деца со посебни промени со одобрените 2.525.510 денари од Министерството за труд и социјална политика.

За подобрување на урбаната слика во Гевгелија и општината свој придонес имаше и Јавното претпријатие за комунално уредување „Комуналец“, кое за кратко време финансиски се консолидира и успеа да набави по подолго време сопствена механизација – ровокопач, како и нова урбана опрема.Набавени се и поставени 60 канти за отпадоци во централното градско подрачје, 20 лимени контејнери за замена на старите-пластични и 20 контејнери за селектиран отпад. Исто така, набавени се и 84 нови контејнери со закупнина  од 1,1 метар кубен за комунален отпад.

На Западниот булевар во Гевгелија  се засадени 85 дрвца, како дел од програмата за „зелена“ Гевгелија.Возниот парк на ТППЕ-Гевгелија е збогатен со специјално теренско возило за локализирање и гаснење на пожар на отворен простор и едно санитетско возило за пружање на прва помош на повредени лица за време на сообраќајќи и други непогоди. Исто така, набавени се противпожарна опрема за лична заштита, како донација, и  нови заштитни противпожарни облеки за сите вработени пожарникари.

Изминатава година имавме богат културен живот.

Но, посебно сум горд што успеавме да ги консолидираме двата најстари и најголеми спортски клубови: КК Кожуф и ФК Кожуф. Обезбедивме опрема за 200 млади фудбалери, го промовиравме урбаниот спорт во Гевгелија, а беше извршено и уредување на Градскиот стадион. Во моментот стартуваат неколку значајни проекти и активности во општина Гевгелија.

Наредната недела започнува изградбата на Стационар за бездомни животни, во атарот на Негорци, проект што се финансира од Бирото за рурален развој, но и со сопстврено учество, наше и на општините Валандово, Богданци и Дојран. Заврши тендерот за доградба на нови 14 училници во Средното општинско училиште „Јосиф Јосифовски“, а во тек е постапката за избор на најповолен изведувач. Исто така, објавен е и тендерот за регулација на дел од коритото на Сува река.

Во тек е реализацијата на проектот за инсталирање на мониторинг станица за мерење на квалитетот на воздухот, како и на проектот за инсталирање на мониторинг станица за мерење на квалитетот на водата во реката Вардар. На бунарите со вода за пиење кај Моин, во тек се испитувањата за присуството на арсенот, кои ќе бидат основа за инсталирање на систем за деарсенизација на водата, во текот на наредната година.

А, тоа значи обезбедување на квалитетна вода за пиење и од овие бунари. До крајот на годината, Гевгелија ќе добие уште еден уреден спортско-рекреативен центар, а тоа е  – Динќут.

Во периодот што ни претстои не очекуваат нови предизвици, пред се, за подобрување на комуналната инфраструктура и поттикнување на локалниот економски развој. Денес ќе имам средба со претставниците на германската Ка-Еф-Ве банка, преку која добивме германски грант од 2,2 милиони евра., со што всушност започнува и имплементацијата на овој проект. Средствата од овој грант ќе бидат наменет за изградба на водовод и канализација во станбената населба Караорман, во населените места Негорци и Прдејци, како и за комунално уредување на технолошко-развојната зона кај  Прдејци.

Со тоа се создаваат услови, имајќи го во предвид веќе присутниот интерес на инвеститорите, за профункционирање на оваа зона.

Покрај определбата за подобрување на квалитетот на животот на граѓаните во општината, во изминатава година, како општина настојувавме да го подобриме и квалитетот на услугите кон нашите корисници – граѓаните.Општина Гевгелија доби сертификат за ИСО стандардот 9001:2015,  што е уште една потврда за успешната примена на системот за управување на квалитет.

Моја заложба е овој стандард во иднина да го унапредиме“, рече во изјавата за јавноста градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков, по повод едногодишното преземање на градоначалничката функција.