До општина Гевгелија пристигна Решението на Уставниот суд за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за распишување на референдум на локално ниво донесена од страна на Советот на општина Гевгелија во месец март и април 2017 година, а како подносител на иницијативата се јавува компанијата РЕЗЕРВОАР МИНЕРАЛС МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ Скопје- компанијата која имаше концесија за вршење детални геолошки истражувања за металично-минерални суровини на локалитетот Конско во општина Гевгелија и општина Кавадарци.
Во иницијативата за оценување на уставноста и законитоста, подносителот на иницијативата наведува дека Советот на општина Гевгелија со оспорените одлуки распишал референдум на локално ниво за прашање што не е во негова надлежност, односно за прашање за кое Советот не е овластен со закон да одлучува. Притоа подносителот на иницијативата се повикува на законските одредби од Законот за локална самоуправа, Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните и Законот за минерални суровини и смета дека експлоатацијата на минералните суровини како добра од општ интерес на Републиката се во надлежност на државната власт, а не на локалната самоуправа.
Да не прејудицираме, но според елаборацијата на самото Решение за отпочнување на постапката за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за распишување референдум, како и според досегашната пракса на Уставниот суд, јасно е дека Судот ќе го прогласи и овој референдум за неуставен и незаконски и ќе ја поништи одлуката на граѓаните. Ние како локална самоуправа ќе поднесеме одговор на ова Решение на Уставниот суд и ќе ги наведеме нашите аргументи, а одговорност на Судот е да оцени дали референдумот е уставен или не.
Една работа треба на сите да ни биде јасна. Референдумот кој се одржа на 23 април 2017 година се одржа во фер, слободна и демократска атмосфера и ја покажа волјата на граѓаните. Без разлика како Уставниот суд ќе одлучи за уставноста и законитоста на Одлуката за распишување референдум, јасно е каква е волјата на граѓаните. На 23 април 2017 година во голем број граѓаните излегоа на гласање и речиси едногласно гласаа ПРОТИВ отварање рудници за металично-минерални суровини во општина Гевгелија и ние сме должни таа јасно и слободно изразена волја на граѓаните да ја почитуваме.
Впрочем, она што е важно за граѓаните на општина Гевгелија е дека Владата на Република Македонија веќе го одби барањето на компанијата Резервоар Минералс за продолжување на концесијата за детални геолошки истражувања и со тоа покажа дека ја почитува и следи волјата на граѓаните и дека нема да дозволи отварање на рудници на планината Кожуф. Без разлика на исходот од тековната постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуката за распишување референдум, јас како градоначалник и Советот на Општината и сите идни градоначалници и советници имаме морална и политичка одговорност да ја зачуваме Гевгелија зелена и чиста, а со тоа да го зачуваме и здравјето и животот на граѓаните.