Францускиот амбасадор во нашата земја Кристијан Тимоние вчера престојуваше во работна посета на Гевгелија, при што оствари средба со градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков.

На средбата градоначалникот Поцков го информираше амбасадорот за активностите во општината, кои во изминатава година беа насочени кон создавање на услови за одржлив еколошки и економски развој. Притоа, нагласи дека со реализацијата на капиталните еко проекти, како што се Пречистителната станица, Времената депонија и новиот Водоснабдителен систем, се обезбедени потребните предуслови за интензивирање на локалниот економски развој.

-Општина Гевгелија ги има сите погодности, а со веќе реализираните проекти, да стане успешна приказна во претстојниот процес на евроатланска интеграција на Република Македонија. Приоритет во наредниот период, покрај локалниот економски развој, ќе биде обезбедувањето услови за поквалитетен живот во општината. Значаен придонес затоа секако ќе има започнувањето на реализацијата на германскиот грант, кој ќе биде наменет за изградба на неколку значајни комунални зафати во Гевгелија и во населените места, рече Поцков.

Според францускиот амбасадор Тимоние, Гевгелија е симбол на надежта, бидејќи по успешното спроведување на Преспанскиот договор, ова место ќе стане најзначајно за развојот, не само во Република Македонија, туку и во овој дел од Западниот балкан.

-Пред Гевгелија стои европска перспектива, затоа што ги поседува сите предуслови за развој. Посебно значајно е што во општината е веќе постигнат баланс меѓу заштитата на животната средина и економијата, тема за која сме загрижени и ние во Франција. Исто така, поради местоположбата, Гевгелија може и треба да има значаен удел во регионалниот развој на туризмот, посебно во овој прекуграничен регион, рече амбасадорот Кристијан Тимоние.

По средбата, амбасадорот Тимоние го посети СОУ„Јосиф Јосифовски“, а ги посети и стопанските капацитети на „Житопром“ и „Меркјури“ во стопанската зона „Блокотехна“. За време на посетата на Гевгелија, францускиот амбасадор Кристијан Тимоние се сретна со претставниците на невладините организации, а имаше средба во ОК НА ВМРО-ДПМНЕ во Гевгелија со раководството на оваа опозициона партија.