Центарот „Мајка Тереза“ од Гевгелија во соработка со општина Гевгелија, Дневниот центар за лица со посебни потреби, НВО Внимание и Аполонија фондацијата, вчера го одбележаа Меѓународниот ден на лицата со посебни потреби, под мотото „Да не оставиме никој зад нас“ и „Секој е важен“. На настанот во Народниот театар во Гевгелија, свои обраќања имаа градоначалникот на општина Гевгелија, Сашо Поцков и отец Димитар Ташев, основач на центарот „Мајка Тереза”.

На одбележувањето беа доделени и наградите од литературниот конкурс а беше организирана изложба на уметнички дела и рачно изработени предмети. Со своја културно-уметничка програма учествуваа ученици од основните училишта во општината, ОМУ „Васо Карајанов“ и драмската група “Дон Кихот“. Исто така, вчера градоначалникот Поцков ги посети членовите на здружението на лица со телесен инвалидитет “Мобилност” во Гевгелија. Градоначалникот покажа разбирање за проблемите со кои се соочуваат овие наши сограѓани и вети “поголема” заложба за решавање на истите.