Владата на Република Македонија и одобри на општина Гевгелија 60,7 милиони денари за плаќање на стари долгови кон доверителите.

Општина Гевгелија изминатиов период исплати 17% од наследениот долг кон доверителите, така што со пристигнатите средства ќе отпочне санацијата и на преостанатиот долг.

-Парите се пристигнати во општинската каса и со нив имаме обврска да ги исплатиме старите долгови кон нашите доверители заклучно со 30 јуни идната година. Со веќе извршените исплати на дел од старите долгови, општинскиот долг изнесува 118 милиони денари, така што со доделените средства од Владата треба да исплатиме 51 отсто од долгот, изјави градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков.

Околу начинот на исплата, Поцков истакна дека општина Гевгелија ќе објави повик за пристап на фирмите кон овие средства со цел тие да понудат дисконт од својата побарувана сума. Притоа, нагласува дека последниот збор околу исплатата на средствата кон доверителите ќе го има Советот на општина Гевгелија, кој треба да се изјасни за листата за распределба на средствата.

На последната седница Советот на општина Гевгелија го усвои Нацрт-Буџетот на општина Гевгелија во 2019 година е проектиран на 573.828.777 денари или 9.330.549 евра. Основниот буџет е проектиран на  275.678.227 денари или 48,04%, вклучувајќи ја и донацијата од Владата на РМ, на дотации на 195.503.452 денари или 34,06%, на донации 30.179.278 или 5,26%, на самофинансирачки активности 18.967.500 или 3.30% и на приходи од кредити 53.500.320 денари или 9,33%.