Во Гевгелија се случи несекојдневен настан – Гала концерт на Македонската опера и балет, кој привлече голем интерес и воодушевување кај гевгелиската публика.

Со право, бидејќи во Народниот театар во Гевгелија, за првпат, настапија 70 музичари-членови на оркестарот и осум првенци на Македонската опера и балет. Кога на тоа ќе се додаде дека нивната изведба на 13 оперски арии на светски познатите музичари беше проследена со долготрајни аплаузи, тогаш сосема е оправдана констатацијата на публиката дека оваа вечер долго ќе се памети.

На големата сцена на Народниот театар во Гевгелија, под диригентската палка на Иван Еминовиќ, настапија оперските првенци Весна Гиновска Илкова, Славица Петровска Галиќ, Наде Талевска, Ана Ројдева Талевска, Борис Трајанов, Зоран Сотиров, Ѓорѓи Цуцковски и Ристо Велков, со избрана програма. Во нивните солистички и дуетски настапи гевгелиската публика уживаше, а тоа го манифестираше со долготрајните аплаузи. Невообичаено за еден ваков настан, исто така, беше преполнетата сала на Народниот театар.

Нема сомневање дека Гала концертот беше круна на одбележувањето на 40 годишниот јубилеј на ООМУ„Васо Карајанов“ во Гевгелија, иако, до крајот на годината, по повод јубилејот,ова училиште ќе приреди уште неколку концерти меѓу кои и Годишниот концерт и Новогодишниот настап на балетската група. Управата на ООМУ„Васо Карајанов“ не можеше да избере подостоен начин за прослава на својот јубилеј, организирајќи дури и еден ваков Гала концерт на Македонската опера и балет. За овој несекојдневен настан секако значајна е поддршката од општина Гевгелија и фондацијата „Аполонија“, кои направија вистински потег донесувајќи ја Македонската опера и балет во Гевгелија. Гевгелиската публика покажа дека не само што сака опера, знае да ја слуша, туку е жедна за вакви музички настани.