Од денес гевгеличани и жителите на општина Гевгелија ќе пијат

квалитетна вода за пиење, најави градоначалникот на општина Гевгелија Сашо Поцков на денешната прес конференција. Информирајќи за профункционирањето на новиот водоснабдителен систем во Гевгелија, Поцков истакна:
-На 7 ноември минатата година, како што знаете, го предадовме во употреба новиот Водоснабдителен систем.
Притоа, нагласивме дека системот ќе профункционира по завршување на сите неопходни технички испитувања и анализи. 
Во оваа прилика сакам да ја известам јавноста: дека од денес во водоводната мрежа на регионалниот водовод во Гевгелија тече вода за пиење од новиот водоснабдителен систем. Со тоа од денес сите граѓани пијат здрава и квалитетна вода.
Имено, анализите на физичко-хемискиот состав на водата за пиење од овие бунари, направени од Институтот за јавно здравје на Република Македонија дека во водата воопшто нема арсен и дека водата одговара на законските и стручни прописи во однос на испитаните параметри за физичко-хемиска анализа.
Изработените биолошки анализи на водата за пиење од новите бунари, а последната е направена на 21 јануари годинава, го потврдуваат високиот степен на здравствена безбедност на водата.
Во моментов од бунарите во Мрзенска Ада се испумпуваат 180 литри вода во секунда. При најповолна хидролошка состојба, овие бунари имаат капацитет да испумпуваат 210 литри вода во секунда.
Тоа значи дека се обезбедени доволни количества на вода за граѓаните на општина Гевгелија, како и за жителите од населните места Селемли и Стојаково, во општина Богданци.
Новиот резервоар на Мрзенски рид, е со капацитет од 1000 кубика вода, која се слева во водоводната мрежа во Гевгелија.
Ако се има предвид дека стариот резервоар е со капацитет од 3000 кубика, а двата резервоари се поврзани со цевковод, тогаш слободно можеме да констатираме дека проблемот со снабдувањето на граѓаните на општина Гевгелија со вода за пиење е долгорочно решен и тоа со квалитетна вода за пиење.
Уште еднаш ќе нагласам – дека не се откажуваме од водата во бунарите кај Моин, за што во тек се испитувањата на најповолната постапка за деарсенизација.
Во оваа прилика сакам да Ви ги предочам техничките предности на новиот водоснабдителен систем, кој располага со три бунари, во областа „Мрзенска Ада“, со пумпни станици со вградени пумпи и дополнителна хидромеханичка опрема.
Во нивна непосредна близина е изградена хлорна станица за гасно хлорирање, која ќе се користи за управување и мониторинг со целиот систем за водоснабдување. 
Хлорираната вода од изворите преку новоизведениот потисен цевковод, во должина од околу 1500 метри, се складира во новиот Резервоар, од каде што преку доводниот цевковод, во должина од околу 2200 метри, истекува во постоечката градска водоводна мрежа.
Целокупното мониторирање и управување со системот е автоматизирано, и го вршат обучени лица од комуналното претпријатие, кои посетуваа посебна обука.
На крај. на мое големо задоволство сакам да им порачам на моите сограѓани: слободно пијте вода од чешмите, зашто водата е целосно квалитетна и здрава за пиење, им порача на своите сограѓани градоначалникот на општина Гевгелија.