Во текот на 2018 година во општина Гевгелија беа реализирани повеќе активности за подобрување на стандардот на социјално загрозените домаќинства и самохрани родители. За 15 деца на самохрани родители и родители-корисници на социјална помош беше обезбеден бесплатен престој во градинките, односно, субвенционирање на надоместокот за престој на децата. По промената на Правилникот за субвенционирање на престојот во градинки на социјално загрозени деца, ваквата обврска беше преземена од Министерството за труд и социјална политика. Исто така, беа обезбедени средства за превоз на децата кои престојуваат во Дневниот центар за деца со посебни потреби. Општина Гевгелија субвенционираше со по 500 денари на 54 социјално загрозени домаќинства за потрошената вода и комунални услуги. Од страна на градоначалникот на општина Гевгелија минатата година на сите 224 новороденчиња и третороденчиња им беа донирани по 6.000 денари, односно, по 12.000 денари. Покрај ова беа обезбедени и повеќе донации, па, така на категоријата граѓани-корисници на социјална помопш им беа донирани огревно дрво, јајца по повод Велигден, новогодишни пакетчиња и друга помош. Во изминатата година посебно внимание беше посветено на грижата и социјализацијата на децата со посебни потреби, и тоа, преку конкретни мерки. Пред се, во рамките на воспоставената соработка на Дневниот центар за лица со посебни потреби и центарот „Мајка Тереза“. Но, и преку соработката со невладините организации и здруженија, која се остваруваше преку програмата за финансиска поддршка на актвностите на НВО. За одбележување е и остварената соработка со фондацијата „Аполонија“, како во поглед на проектите за социјализација на децата со посебни потреби, така и во поглед на поквалитетниот општествен и културен живот во општината.